ПОПУСТИ ОД 5 ДО 50% ЗА СТУДЕНТИТЕ Апликацијата што ја спрема Владата носи пакет привилегии
Попусти од 5% до 50% за одредени производи и услуги ќе можат да користат студентите преку апликацијата „М.услуги“, најави премиерот Христијан Мицкоски на денешната собраниска седница. Со апликацијата Владата сака да го прошири концептот на субвенциониран студентски оброк.
– Концептот е да развиеме сосема нов пристап кога станува збор за привилегиите кои што ќе можат да ги користат студентите – истакна премиерот.
На новото решение заеднички работат Генералниот секретаријат на Владата, кабинетот на премиерот и министерствата за образование и наука, за дигитална трансформација и за финансии. Во проектот се вклучува и Министерството за социјална политика, демографија и млади, кое развива младинска картичка.
Мицкоски се осврна и на временските ограничувања на досегашниот студентски оброк. Со субвенцијата не се опфатени летните месеци, неделите и празниците.
– Нашата цел е како Влада да обезбедиме дополнителни привилегии односно дополнителна можност за да тие користат не само во дел на оброкот, туку и поинаков тип на услуги, надвор од учебната година и надвор од овој тип на услуги кои што денеска ги користат – нагласи претседателот на Владата.
Мицкоски оцени дека сумата што студентите ја добиваат преку досегашниот модел е ниска.
– Јас сум убеден дека таа апликација ќе овозможи на студентите можеби и да се дуплираат и триплираат привилегиите кои што тие ќе ги имаат по различна основа од 5 до 50 проценти, кои што сега не ги користат и ги немаат – додаде Мицкоски.
Во првата фаза во проектот ќе бидат опфатени домашните економски оператори.
– Следната фаза е тоа да го користат и надвор од државата – најави премиерот.
.
Извор: plusinfo.mk