
Полицијата уапси двајца скопјани кои се претставувале како дипломати и полицајци на Табановце
Полицијата уапси две лица од Скопје, С.С. (59) и Б.А. (55), поради сомнение за фалсификување на патни исправи при обид за влез во државата преку Граничниот премин „Табановце“.
Според информациите од МВР, С.С., кој управувал возило „Голф“ со скопски регистарски таблички, се обидел да влезе преку линијата за приоритетни возила, тврдејќи пред полициски службеници од ФРОНТЕКС дека е дипломат. За таа цел, приложил наводна дипломатска патна исправа издадена од непостоечки „Европски полициски комитет“. Истовремено, на македонските гранични полицајци им рекол дека е вработен во МВР, но не поседувал службена легитимација.
При извршена детална контрола, полицијата во возилото и кај осомничените пронашла повеќе сомнителни документи и предмети: неколку патни исправи, една биометриска страница од пасош, два пластични печати, четири лични карти и други материјали кои може да се поврзат со фалсификат.
Поради основано сомнение за сторено кривично дело „Фалсификување исправа“ (чл. 378 од Кривичниот законик), лицата се лишени од слобода, а сите пронајдени предмети се одземени како доказен материјал.
По целосно документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.
