ПОЛИЦАЕЦ АЛБАНЕЦ ОД КРИМИНАЛИСТИЧКАТА ПОЛИЦИЈА ПОСОЧЕН КАКО ГЛАВЕН ТЕПАЧ Се очекува санкција за случајот со двајцата млади Албанци
Полициски службеник од албанска националност, припадник на криминалистичката полиција, е посочен како главен учесник во наводното физичко малтретирање на двајца млади Албанци на возраст од 21 и 23 години. Според првичните проверки во Министерството за внатрешни работи, за случајот е поведена постапка за внатрешна контрола, а според неофицијалните сознанија на „Скопје1“, се очекува полицискиот службеник да добие строга санкција.
Случајот предизвика реакции кај опозициските партии од албанскиот политички блок, Алијансата на Албанците и Демократската унија за интеграција (ДУИ). Двете партии објавија фотографии од повредите на младите и побараа целосно расветлување на настанот, како и одговорност доколку се утврди дека полициските службеници ги пречекориле своите овластувања.
Демократската унија за интеграција (ДУИ) објави видеоснимка на социјалните мрежи за која тврди дека го прикажува полициското насилство врз две млади лица при интервенција што се случила во средата. По случајот, внатрешната контрола при Министерството за внатрешни работи веќе започнала истрага.
На видеото, снимено оддалеку во ноќни услови, се гледаат неколку лица кои пред паркиран автомобил физички напаѓаат други лица со клоци и тупаници. Снимката е без звук, а низ маглата се забележуваат и полициски ротациски светла.
„Застрашувачко видео од тепањето двајца млади мажи од страна на полицијата! Одговорност!!!“, наведуваат од ДУИ во описот на објавената снимка.
Според информациите што ги објавија партиите, двајцата млади тврдат дека биле физички нападнати од полициски службеници, а при интервенцијата било оштетено и нивното возило.
ДУИ наведува дека во интерниот полициски извештај стои оти младите му го одзеле службениот пиштол на еден од полицајците. Двајцата, пак, тврдат дека оружјето завршило во нивниот автомобил откако полициските службеници го скршиле стаклото.
Според нивните наводи, полицајците употребиле огнено оружје и ги дупнале гумите на возилото, по што ги врзале младите и ги легнале на земја. Таму, како што тврдат, биле физички малтретирани.
Алијансата на Албанците порача дека полицијата мора да биде гаранција за безбедноста на сите граѓани, а не причина за страв. Од партијата побараа институциите да го испитаат случајот и да реагираат доколку се утврди дека биле пречекорени полициските овластувања.
„Секое пречекорување на овластувањата, неразумна употреба на сила или малтретирање мора да добие соодветен институционален и правен одговор. Во оваа ситуација, молкот на ВЛЕН и на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени е неприфатлив“, соопштија од партијата.
ДУИ, пак, побара оставка од заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени и целосна истрага за постапувањето на полициските службеници.
„Правата и достоинството на граѓаните не смеат да бидат повредувани од оние чија должност е да ги штитат“, наведуваат од ДУИ.
По објавувањето на случајот се огласи и Министерството за внатрешни работи. Оттаму соопштија дека министерот Панче Тошковски наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да ги испита сите околности поврзани со настанот.
„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници. По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, соопштија од МВР.
Според неофицијалните сознанија на „Скопје1“, во фокусот на постапката е полицискиот службеник од криминалистичката полиција, кој е посочен како главен учесник во наводниот физички напад врз двајцата млади. Информациите укажуваат дека се очекува негово санкционирање, но од МВР засега нема официјална потврда дека е утврдена одговорност или дека е изречена дисциплинска мерка.
Внатрешната контрола треба да утврди што точно се случило, дали била употребена прекумерна сила, под кои околности било употребено огненото оружје и каква била улогата на секој од инволвираните полициски службеници.
До завршувањето на постапката, наводите за физичко малтретирање и пречекорување на полициските овластувања остануваат предмет на проверка, а евентуалната одговорност треба да биде утврдена од надлежните институции.
.
Извор: plusinfo.mk