
Под закрила на еко активизмот во мисија да ги спречат западните инвестиции во рударството!?
Регионот на Западен Балкан продолжува да е под засилено руско влијание. Ова го потврдија и високи американски претставници по објавувањето на новите имиња од регионот што се најдоа на т.н. црна листа. Според потсекретарот за тероризам и финансиско разузнавање на САД, Брајан Нелсон, Русија и понатаму го користи своето влијание на Западен Балкан за да ја спречи интеграцијата на земјите во меѓународните институции и организации, како и да ги олесни своите „агресивни дестабилизирачки активности“.
Слични ставови од Скопје минатата недела сподели и помошник државниот секретар за одбрана на САД, Селест Валандер.
Русија, како и организациите кои ги поддржува, постојано се трудат да најдат разлики во политичките ставови во земјите од Западен Балкан, со цел да создадат судир што Русија би можела да го искористи, без оглед дали станува збор за дејства или активности кои се непосредно опасни за граѓаните на земјите или преку создавање на политичко влијание кое што Русија би можела да го искористи, рече Валандер.
Овие тврдења на американската администрација ги поткрепуваат написите на дел од руските истражувачки сајтови. Меѓу нив е и „Инсајдер“, во чија анализа пишува дека „Кремљ долго време се подготвува да добие контрола над Македонија – користејќи ја дипломатијата, активностите на специјалните служби, преку контрола на националистичките групи и со економско влијание“.
Тука директно се споменува улогата на компанијата „Солвеј“, која е сопственик на рудникот Бучим во Радовиш, а претходно го поседуваше и рудникот Саса. Од фирмата неколкупати повторуваат дека немаат никаква руска поврзаност и дека станува збор за компанија основана во Швајцарија. Сепак, „Солвеј“ беше директно спомената од поранешниот амбасадор на Русија во Македонија, Олег Шчербак, како руска инвестиција.
Во неа се додава дека е симптоматично запирањето на западните инвестиции во рударскиот сектор во Македонија. Во овој контекст директно се посочуваат и имињата на активистите Крум Велков и Ангел Наков.
Ова не е единствениот медиум кој ги поврзува дејствијата на активистите со обидот за руско влијание во економијата на земјава, особено преку рударството. Во текст на истражувачката мрежа Белингкет се наведува дека Велков не пишува само за геополитика и се насетува дека ги промовира руските економски интереси. Во сторијата се нагласува дека Велков и неговиот следбеник Ангел Наков водат кампањи против западни комерцијални проекти.
