
По една година од најавата, НИШТО од итното санирањето на паднатиот потпорeн ѕид кај Детската клиника
Иако уште во октомври минатата година институциите најавија итно санирање на потпорно-оградниот ѕид на улица Белградска кај Универзитетската клиника за детски болести, реалноста на терен останува непроменета.
Ново видео снимано денеска ја потврдува состојбата: не е преземена ниту една видлива интервенција, ѕидот е и понатаму опасно еродиран, а околниот терен запуштен, но налик расчистен.
Централните и локалните власти тогаш најавија привремено решение – изградба на нов потпорен систем, редуцирање на сообраќајот и изработка на хидролошка студија за трајно решение.
Ниту едното, ниту другото денес не е реализирано. Со тоа ризикот за пешаците, возилата и посетителите на клиниката останува висок.
Инаку, дел од потпорниот ѕид се урна на 10 јуни 2024 година, а институциите Министерство за здравство, Град Скопје и Општина Центар со денови се правдаа и негираа кој е надлежен, а кој не е надлежен. Урнатиот потпорен ѕид претставува опасност не само за пешаците, туку и за безбедно одвивање на сообраќајот.
