
Петрушевски: Оставката на Љупчо Коцевски претставува значајна победа за правната држава
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, денеска оцени дека оставката на Јавниот обвинител Љупчо Коцевски претставува значајна победа за правната држава и почеток на департизација на јавното обвинителство.
„За првпат и самиот обвинител признава она што целата јавност го кажуваше: дека Јавното обвинителство не може да продолжи да функционира со изгубен легитимитет, под товар на политички влијанија и со селективна правда“, рече Петрушевски на прес-конференцијата.
Тој додаде дека фактот што оставката доаѓа дури сега, а не од првиот ден кога институцијата била компромитирана, ја потврдува длабочината на проблемот и обидите со месеци да се одржи статус кво кој служел на поранешната власт. „Со ова се става крај на еден мрачен период, во кој обвинителството беше перципирано како партизиран механизам, а не како независна институција во служба на законот“, истакна Петрушевски.
Според него, оставката на Коцевски е системско, а не персонално решение, кое испраќа порака дека никој не е недопирлив и дека одговорноста е неминовна. Петрушевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ќе инсистира овој момент да се преточи во конкретни реформи за воспоставување независно, професионално и департизирано обвинителство, во интерес на граѓаните и владеењето на правото.
„Ова е почеток на вистинска, неселективна правда и демонтажа на институциите заробени од СДС и ДУИ“, заклучи Петрушевски.
