
Петровска со писмо до Столтенберг: Има застој во тековните реформи на одбранбениот сектор
Министерката за одбрана Славјанка Петровска преку писмо го известила генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер, дека има застој во тековните реформи во одбранбениот сектор во земјава.
Како клучен проблем, Петровска го истакнува неносењето на Предлог-законот за вработените во одбраната.
Имено, во писмото се вели дека при дискусиите на Прегледот на способностите за одбранбено планирање за 2021/2022 г. и Нацрт-прегледот на способностите за одбранбено планирање за 2023/2024 г. еден од заклучоците во однос на напредокот на реформата во одбранбениот сектор бил реорганизацијата на Министерството за одбрана.
За оваа цел, подготвен е Предлог-законот за вработените во одбраната, чиј текст е одобрен од релевантни експерти на НАТО, синдикатите, академската заедница, министерствата, како и невладините организации, а Владата го проследила во Собрание, каде е блокиран.
„Текстот на законот, без забелешки од Владата, беше проследен до Собранието за негово усвојување. Првата фаза помина успешно и кога требаше да се отвори суштинска дебата за Законот, како министерка, повикав на поднесување на конструктивни амандмани или забелешки со цел подобрување на Законот и замолив политичките партии во Собранието да не го користат овој закон за политички спогодувања. За жал, опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, сакајќи да го блокира донесувањето на овој Закон, на само два дена пред одржувањето на комисиската расправа, поднесе 1 500 несуштински амандмани со кои донесувањето на овој закон го направи невозможно“, му напишала Петровска, која е загрижена дека ова блокирање може да предизвика загрозување на работните процеси во Одбрана, особено во делот на заштитата на критичната инфраструктура и информациската безбедност и сигурност, како и неможноста да се зајакне кадарот на професионален начин.
„Со ова писмо сакам да Ве известам дека не по вина на Министерството, настана одложување на овој круцијален закон за функционирањето на Министерството. Се надевам дека сите политички партии ќе делуваат одговорно и ја повикав опозицијата да ја сфати својата грешка и да ги повлече овие штетни амандмани“, се вели во писмото.
