
Петрески: Целта на Вардар е пласман во европските купови
Своето деби како шеф на стручниот штаб, популарниот Чунга Лунга ќе го забележи претстојниот викенд против Шкупи, а денеска ги изнесе своите размислувања во врска со тимот и амбициите за оваа сезона.
„Голема чест е да биде шеф на стручен штаб на Вардар, верувам во момците, денеска почнавме да работиме со мојата филозофија и тие веднаш ја прифатија. Јас сакам офанзивен фудбал и се надевам дека брзо тоа ќе го покажеме на терен.
Тие што ме познаваат, знаат дека секогаш атакувам на првото место, односно трофеите. Вардар беше во тешка состојба, но сега во клубот има нови луѓе кои вложуваат и сакаат да го вратат на старите патеки. Амбицијата е да се пласираме во европските купови и сметам дека тоа ќе биде голем успех имајќи го предвид актуелниот момент“, рече Петрески.
За да ја остварат целта – пласман во европските купови, „црвено-црните“ треба да завршат едно од првите две места на табелата на крајот од првенството или да дојдат до трофејот во Купот на Македонија кој последен пат го освоија во 2007 година.