
ПЕТГОДИШНА ИЗМАМА ВО КОЧАНСКО: Ѝ ветил дека ќе ѝ „среди“ пензија, ѝ зел 4.000 евра па исчезнал
Шездесет и едногодишна жена од кочанскиот регион вчера во полиција пријавила дека паднала жртва на повеќегодишна измама, откако 59-годишниот П.Г. ѝ зел 4.000 евра со лажно ветување дека ќе ѝ помогне да добие пензија.
Според пријавата поднесена во Полициската станица во Кочани, сагата на жената започнала уште во октомври 2020 година, кога осомничениот ѝ ветил дека, преку негови пријатели во Скопје, може да ѝ го овозможи правото на пензија.
Како што е пријавено, во наредните три години, до декември 2023 година, жената подготвувала документација, по што конечно му ги дала бараните 4.000 евра на осомничениот.
Откако ги зел парите, тие одржувале повремени контакти во текот на цела 2024 година. Проблемот настанал по декември 2024 година, кога П.Г. престанал да одговара на нејзините телефонски повици, по што таа се посомневала дека е измамена и решила да го пријави случајот.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на оваа измама.