
Пелистер среде Аеродром го среди МЗТ, Работнички пресилен за чаирчани (ФОТО)
Битолчани апсолутно заслужено го совладаа големиот противник, пред се со цврста и агресивна одбрана со што првпат во македонското првенство ги сведоа сино-белите под 70 поени. „Металците“ не се снаоѓаа на ваквата дефанзива на противникот, а згора на тоа шутираа лошо од далечина, за што говори фактот што членовите на стартната петорка имаа неверојатни 0/12 за тројка. МЗТ ниту еднаш не водеше, а само двапати изедначи и тоа за 2-2 и за 53-53, кога кошаркарите на овој тим беа во налет, но не успеаја да направат резултатски пресврт. Андреј Магдевски одигра најдобро откако пристигна во Битола и средбата ја заврши со 20 поени, 11 скока и осум скока, додека Седрик Расел со 16 поени беше најпрецизен кај аеродромци.
Работнички со серија 18-3 во второто полувреме дојде до највисоката предност од плус 15 (71-56), која му обезбеди убедлива победа во втората дерби-пресметка вечерва против Чаир 2030 (84-70). Декоси со 18 поени беше најпрецизен кај центарци, додека Роберт Рикиќ имаше дабл-дабл ефект со 14 поени и 14 скока. Доби Робел со 24 поени беше најефикасен кај чаирчани.
Еуро Никел, пак, лесно и убедливо дојде до триумф против Гостивар (97-85), додека денеска на пладне ТФТ беше пресилен за Вардар (92-82).