
Пелистер добива нов тренер: Костов го напушти битолскиот тим
Пелистер соопшти дека во моментов е во преговори за нов стратег на клубот и пред почетокот на подготовките ќе биде претставен пред јавноста.
„По долг заеднички и пријателски разговор, клупската управа на ФК Пелистер и шефот на стручниот штаб Влатко Костов постигнаа спогодбен раскин на договорот. Клубот искрено му се заблагодарува на Костов за остварените цели и постигнатите резултати во овие една и пол година. Пелистер под негово водство се врати во Првата фудбалска лига и одигра достоинствен есенски дел од сезоната во елитната категорија. Со Влатко Костов, кој и дел од играчката кариера помина во Пелистер, останува спортски пријатели и му посакуваме многу успеси на приватен и професионален план“, соопшти Пелистер.
Битолскиот тим го заврши првиот дел од сезоната на седмата позиција во првенството со 19 освоени бодови.