
Отфрлени пет листи за градоначалник – по една за општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и за Град Скопје
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), досега се потврдени вкупно 303 листи за кандидати за градоначалници на општините и Градот Скопје, додека за членови на општинските совети и Советот на Град Скопје се потврдени 558 листи, соопшти вечерва прес-службата на ДИК.
За општините Куманово, Аеродром, Карпош и за Град Скопје, ДИК информира дека сè уште се проверуваат листи заради отстранување на утврдени неправилности, по известувања од општинските изборни комисии. Во моментов, осум листи за градоначалници и 20 листи за членови на советите се во процес на корекција. Од доставените листи, отфрлени се пет листи за градоначалник – по една за општините Бутел, Центар, Куманово, Аеродром и за Град Скопје.
– По завршување на процесот на потврдување на сите кандидатски листи, следува ждрепка за утврдување на редоследот на кандидатите на единствената листа, која е закажана за 25 септември 2025 година, соопшти ДИК.

