
ОСНОВНИТЕ НАМИРНИЦИ ПОЕВТИНИ ВО ЊУЈОРК ОТКОЛКУ ВО ЦРНА ГОРА – во оваа балканска држава трговците немаат мера колку ги „насолиле“ цените
Цените на основните прехранбени производи во американската држава Њујорк често се значително пониски отколку во Црна Гора, иако минималните плати им се значително повисоки, пишува Побједа.
Додека жителите на Њујорк, благодарение на конкурентниот пазар и високиот животен стандард уживаат поповолни цени на месото, млекото, маслото и зеленчукот, граѓаните на Црна Гора се соочуваат со многу повисоки трошоци, дури и за основните потреби, пренесува Мина.
Весникот ги истражуваше причините за ваквата необична економска состојба и улогата на домашните трговски синџири во формирањето на цените на црногорскиот пазар.
Цените на храната во државата Њујорк генерално се сметаат за доста достапни, особено ако се земе предвид високиот животен стандард и релативно високите приходи на граѓаните. Иако Њујорк често се доживува како еден од поскапите градови во Соединетите Американски Држави (САД), разновидноста на понудата и конкуренцијата меѓу продавниците им овозможуваат на граѓаните пристап до широк спектар на производи по поволни цени.
За споредба, ситуацијата во Црна Гора е значително различна.
Во Црна Гора, каде минималната плата е значително помала, дури пет пати помала од Њујорк, цените на основните прехранбени производи се изненадувачки високи. На пример, производите како млекото, путерот и зеленчукот често имаат цени кои се дури пет пати повисоки отколку во Њујорк. Овој парадоксален тренд укажува на несразмерно високи трошоци за живот во Црна Гора во споредба со нискиот приход на населението.
Еден од клучните фактори што придонесува за тие високи цени во Црна Гора е доминацијата на домашните трговски синџири на пазарот. Овие синџири имаат примат и често ги зголемуваат цените без никаква сериозна контрола или регулација. Недостатокот на конкуренција од надворешно трговските синџири дополнително ја усложнува ситуацијата, бидејќи нема притисок за прилагодување или намалување на цените за да се биде конкурентен.
Тоа монополско однесување им овозможува на домашните малопродажни синџири да ги диктираат цените по своја волја, што резултира со значително оптоварување на потрошувачите.
Благодарение на читателите на весникот, кои ги испратија податоците од Њујорк, утврдено е дека таму килограм пармезан чини 4,49 долари или 4,03 евра, а галон млеко што содржи 4,7 литри е 2,99 долари или 1,79 евра, т.е. 56 центи за литар. Литар млеко во Црна Гора чини повеќе од едно евро.
Литар масло од авокадо, кое, за жал, не може да се најде во Црна Гора, и литар маслиново масло почнуваат од десет евра, додека најевтиното кај нас е од 16 до 28 евра.
Пакување путер од 1,3 килограми во Њујорк чини 4,99 долари или 4,47 евра, додека во Црна Гора 250 грама се четири евра па нагоре, што е пет пати поскапо.
Во Њујорк, како што пишува весникот, килограм говедски стек и други видови е поевтин за речиси 30 отсто, па килограм говедско или стек се движи од 6,59 до 6,99 долари, односно од 5,92 до 6,28 евра. Зеленчукот е многу поевтин, па килограм домати е 1,99 долари или 1,78 евра, додека краставица е 99 центи или 88 евроценти. Пиперките чинат 1,99 долари или 1,78 евра, а килограм зелена салата чини од едно до две евра, додека кај нас сега е пет евра.
Минималната бруто-плата на државата Њујорк варира во зависност од регионот, така што во Њујорк, како и во окрузите Насау, Сафолк и Вестчестер, таа е 16 долари на час или 2.700 долари месечно. Во другите делови на државата Њујорк, минималната плата е 15 долари на час, што е околу 2.500 долари месечно за осум часа неделно, не вклучувајќи ги викендите.
Нето платата може да варира во зависност од различни фактори, вклучувајќи даноци и одбитоци, но нето износот обично се смета дека е околу 70-80 проценти од бруто платата, во зависност од индивидуалната ситуација. Овие минимални стапки на плата се планира дополнително да се зголемуваат секоја година до 2026 година, кога ќе бидат 17 долари на час.
Минималниот месечен трошок за кошница за намирници за основните потреби за храна и пијалоци на семејството во државата Њујорк може да варира во зависност од големината на семејството, локацијата во државата и специфичните потреби и преференции. Сепак, за просечно четиричлено семејство, минималната цена за основните потреби за храна и пијалоци во државата Њујорк е околу 800.000 долари месечно.
Таа сума може да биде поголема во метрополите како Њујорк, каде цените на храната се највисоки. Во повеќе рурални делови на земјата, трошоците може да бидат малку пониски, но повторно зависат од локалните цени и достапноста.
БизнисКурир/Бизнис.рс