
Ослабениот Пелистер не издржа против домаќинот на третиот турнир во АБА (ФОТО)
Битолчани одиграа мотивирано, во (по)голем дел од средбата беа во водство, но во финишот снемаа сили против силниот противник. Зелено-белите имаа и плус десет во втората четвртина (34-24), водеа и во поголем дел од третиот период, но потоа до израз дојде поголемото искуство и подолгата клупа на противникот. Серијата 10-1 во последните десет минути на Широки Б. му донесе водство 65-58, кое на крајот се покажа доволно за триумф и нови два бода.
Пелистер средбата ја одигра со девет кошаркари, меѓу кои забележливо беше отсуството на одличниот сезонава Лука Стојановски, додека Малком Бернард се повреди во третата четвртина, по што не можеше да даде се од себе. Мијовиќ и Магдевски со по 12 поени беа најпрецизни кај составот од Битола.
На турнирот во БиХ утре на терен ќе истрчаат кошаркарите на ТФТ против Сутјеска (18 часот), додека задутре ќе настапи МЗТ Скопје против Подгорица (15 часот).