
Јошевска Анастасовска: Судија не смее да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор
Членот на Судски совет, Сузана Јошевска Анастасовска вчера преку социјалните мрежи му одговори на министерот за правда Игор Филков, кој побара одговорност од обвинителот и од судијата за изречениот куќен притвор на поранешниот вицепремиер Артан Груби.
„Судија не смее да изрече мерка притвор ако има предлог од обвинител за куќен притвор. Нема потреба од итна седница на Судски совет, за да се расправа основно правило во кривична постапка“, напиша Јошевска Анастасовска.
Обвинителството соопшти дека предложиле куќен притвор за Артан Груби затоа што МВР и АНБ процениле дека тој нема да е безбеден во притворот во Истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Поранешниот вицепремиер Артан Груби од ДУИ беше уапсен на граничниот премин Блаце, по 14 месеци бегство. Тој е осомничен за проневера од 8 милиони евра во Државна лотарија.
