
Ѓорѓиевски најави нови камиони за смет и автобуси, еве кога ќе стигнат!
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави сериозна обнова на комуналната и транспортната инфраструктура во главниот град. Во гостување на телевизија „Сител“, тој откри дека до април следната година, јавното претпријатие „Комунална хигиена“ ќе биде засилено со 40 нови камиони.
Набавката на камионите ќе се реализира во две фази: дел преку сопствени средства на Град Скопје, а дел преку Министерството за транспорт со поддршка од Светска банка.
Ѓорѓиевски истакна дека хигиената е подобрена, но сепак се изречени стотици казни за несовесни граѓани кои придонесуваат за создавање депонии.
Јавниот превоз се нормализира до првата половина на 2026. Освен за хигиената, градоначалникот даде оптимистичка најава и за јавниот градски превоз. Тој очекува состојбата со автобусите целосно да се нормализира до средината на следната година, кога се планира пристигнувањето на новите автобуси.
Како еден од најголемите проблеми кои биле затекнати, тој ги посочи неплатените набавки за резервни делови, што довело до тоа голем дел од возниот парк на ЈСП и на „Комунална хигиена“ да биде надвор од функција во изминатиот период. Процесот на санирање на долговите и набавка на нови возила, според него, е клучот за решавање на хаосот во градот.
