
ОПЕК+ со намалено производството на нафта до крајот на 2025 година
Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници (ОПЕК плус) одлучија да го продолжат доброволното намалување на производството на нафта за 1,65 милиони барели дневно до крајот на 2025 година.
Дополнително, ОПЕК плус го продолжи дополнителното намалување од 2,2 милиони барели дневно до крајот на септември оваа година и наведе дека оваа мерка „постепено ќе се укинува на месечна основа“ до крајот на септември 2025 година, пренесува Си-Ен-Ен.
Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) се уште е оптимист кога станува збор за растот на светската побарувачка за нафта во 2024 година и следната година, изјави на 28 мај генералниот секретар на таа организација Хаитам ел Гаис на состанокот во Виена. .
Тој очекува глобалната побарувачка за нафта оваа година да се зголеми за 2,2 милиони барели дневно на вкупно 104,5 милиони барели дневно, се вели во соопштението на ОПЕК на платформата Икс (Твитер).
Глобалната побарувачка за нафта ќе расте најмалку до 2034 година, покажуваат најновите прогнози на аналитичарите на њујоршката банкарска корпорација Голдман Сакс.
Во прогнозата се посочува дека побарувачката за нафта ќе се зголеми на 108,5 милиони барели дневно во 2030 година и ќе достигне врв во 2034 година, кога ќе изнесува 110 милиони барели дневно.