
Опасни вести од Северна Кореја: Ким нареди да се зголеми производствениот капацитет на фабриките за оружје
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун дал наредба да се зголеми производствениот капацитет на фабриките за оружје, како важен сегмент за зајакнување на одбранбените способности на земјата, објави денеска државната агенција КЦНА.
Од четврток до сабота, Ким оствари работни посети на големи фабрики за оружје, вклучително и производни линии на мотори за стратешки крстосувачки ракети и беспилотни летала, соопшти агенцијата.
Ким посети и фабрики кои произведуваат повеќецевни фрлачи за ракети со голем калибар и транспортери со електро-фрлачи кои се користат за лансирање балистички ракети, објави Ројтерс.
За време на посетата на фабриката за муниција, Ким го истакна подобрувањето на прецизната обработка, модернизација и автоматизација во производството на проектили за фрлачи на ракети со повеќе цевки со голем калибар, соопшти КЦНА.
Северна Кореја често тестираше ракетни фрлачи со поголем калибар, напредни крстосувачки ракети и најнови балистички ракети и минатиот месец интерконтинентални балистички ракети со цврсто гориво.
