
Одобрени обвиненијата за 13 полицајци за пожарот во „Пулс“ и за криминал со ИПАРД фондовите
Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот кривичен суд Скопје во целост ги одобри двете големи обвиненија поднесени од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Станува збор за предметот за пожарот во кочанскиот објект „Пулс“ и случајот со коруптивни злоупотреби поврзани со европската ИПАРД програма.
Првиот одобрен акт се однесува на 13 полициски службеници кои ќе седнат на обвинителната клупа под сериозно обвинение – Тешки дела против општата сигурност. Овој случај е директно поврзан со страотниот пожар кој на 16 март 2025 година избувна во објектот „Пулс“ во Кочани.
Вториот предмет опфаќа финансиски и коруптивни малверзации. Обвинението е насочено против пет физички лица за низа кривични дела: Давање и примање поткуп, како и Давање и примање награда за противзаконито влијание.
Во склоп на овој предмет има и обвинителен предлог против уште четири други физички и едно правно лице. Сите дела се поврзани со незаконско користење на средства преку европската ИПАРД програма.
Врз основа на одобрените акти, веќе се формирани кривично-правните предмети (КОК бр. 4/26 и КОК бр. 5/26).
Од Судот информираат дека преку АКМИС-системот овие предмети ќе бидат електронски распределени кај надлежни судии за понатамошно постапување. Термините за првите главни расправи ќе бидат дополнително објавени во Календарот за судења на веб-страницата на Кривичниот суд.
