
Од советник на премиерот до амбасадор во Париз: Игор Николов и официјално ја почна мисијата
Новиот македонски амбасадор во Франција, Игор Николов, и официјално ја започна својата дипломатска мисија во Париз откако му ги предаде акредитивните писма на францускиот претседател Емануел Макрон.
Информацијата вчера ја објави Амбасадата на Северна Македонија во Франција на својот официјален фејсбук-профил , посочувајќи дека предавањето на акредитивите се случило во понеделникот.
„Со ова официјално започна неговиот дипломатски мандат во Париз, со цел унапредување на билатералните односи, зајакнување на соработката и продлабочување на партнерството меѓу двете земји“, се наведува во објавата на амбасадата.
Игор Николов беше еден од првите амбасадори именувани од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ по нејзиното доаѓање на власт. По професија тој е лекар-нефролог, претседател на комисијата за здравство во ВМРО-ДПМНЕ и беше советник за здравство на премиерот Христијан Мицкоски.
