
Од април и јуни – летови кон Наполи, Будимпешта, Катовице, Вроцлав и Милано
Со државни субвенции ќе бидат воведени уште пет нови авионски линии. Од 6 април следната година, од скопскиот аеродром ќе се лета кон Наполи и Будимпешта, а од 28 јуни од охридскиот аеродром ќе бидат достапни летови кон Катовице, Вроцлав и Милано. Ова денеска на прес-конференција го објавија вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и извршниот директор на „Виз Ер“, Џозеф Варади.
Николоски најави дека авиокомпанијата од следната година ќе има постојана флота од шест авиони на скопскиот аеродром, при што сегашните „Ербас А320“ ќе бидат заменети со нови „Ербас А321 нео“. Паралелно, бројот на вработени во „Виз Ер“ во Македонија, кој моментално изнесува околу 200 лица, ќе се зголеми за уште стотина.
Според министерот, од 2025 година авиокомпанијата ќе го зголеми капацитетот за патници за околу 50 проценти и ќе понуди вкупно 3,3 милиони седишта за македонскиот пазар.
„Имаме навистина силна оперативна платформа во земјата – шест летала, рути од Скопје и Охрид и повеќе од 200 вработени. Тоа ќе овозможи 3,3 милиони седишта достапни во 2026 година, што е огромен скок во споредба со 2012 година,“ изјави Варади.
Субвенциите што државата ќе ги издвојува за компанијата ќе изнесуваат по 9 евра за секој патник кој пристигнува на скопскиот аеродром и по 12 евра за патник кој пристигнува на охридскиот аеродром.