
Обновата на шумите по пожар трае до еден век – aктивното пошумување – клуч за спас на македонските шуми
Природната обнова на шумите може да трае од 50 години до еден век. Брзината на тој процес зависи од интензитетот и локацијата на пожарот, видот на почвата, како и од климатските услови.
Според експертите по шумарство, најефикасниот пристап е активното пошумување, при што треба да се користат автохтони видови дрвја, природно прилагодени на локалната клима и почва. Препорачуваат засадување мешани насади наместо монокултури, со што би се зголемила отпорноста на шумите на идни пожари и болести. Сепак, предупредуваат дека без итни реформи и поголеми инвестиции во превенција — која е далеку поевтина од справувањето со штетите — уништувањето на шумите ќе продолжи, пишува МРТ.
„Државата мора да се прилагоди на климатските промени преку создавање отпорни предели,“ вели Бојан Михајловски во изјава за МРТ, експерт по шумарски науки. Тој објаснува дека редовното управување со шумите подразбира проредување, одржување на шумските патишта за полесен пристап, како и изградба на стратешки поставени противпожарни појаси и резервоари со вода.
Михајловски додава дека намалените врнежи, зголемените температури и продолжените сушни периоди создаваат услови поволни за пожари, вклучувајќи ги и шумските. „За Македонија е клучно да се применува адаптивно управување со пожарите, со посебен фокус на климатските промени, кои во последниот период донесуваат сериозни предизвици што ќе продолжат и во иднина,“ нагласува тој.
Стручњаците исто така укажуваат на потребата од модернизација на системите за рано предупредување, подобрување на противпожарната инфраструктура и зголемување на едукацијата на населението. Последиците од шумските пожари се широки — влијаат врз здравјето на луѓето, предизвикуваат економски загуби, го погодуваат туризмот, земјоделството, како и флората и фауната. Во последните години, Македонија бележи рекордни загуби на шуми, а честите пожари ја оневозможуваат нивната природна регенерација.
