
Обилни врнежи од снег, замрзнати патишта и жртви: Зимата рано дојде во Северна Европа
Раниот почеток на зимата донесе обилни снежни врнежи и замрзнати патишта низ Северна Европа, предизвикувајќи проблеми и опасни услови за возење.
Германските медиуми вчера објавија за најмалку двајца смртни случаи и деца заглавени на училиште во текот на ноќта, објави Асошиетед прес.
Скандинавскиот полуостров исто така забележа невообичаено ниски температури за ноември. Живата во речиси цела Шведска, Данска и Норвешка падна многу под нулата. Во понеделникот, неколку места долж западниот брег на Норвешка забележаа рекордно ниски температури за месецот.
Снег и замрзнати патишта најмногу ја зафатија западната германска покраина Хесен, а на некои места имаше прекин на електричната енергија поради паднати дрвја, јави ДПА.
Сообраќајни несреќи со повредени се забележани низ покраината Хесен. Има дрвја кои паднале под тежината на снегот. Возачите останаа блокирани во своите автомобили, а околу стотина луѓе мораа да бидат спасени поради паднатите дрвја. Учениците и вработените во едно училиште морале да преноќат во зградата поради проблем со училишните автобуси. Пожарникарите организираа простории за спиење за 55 лица, меѓу кои 27 деца.
Зимското време предизвика хаос и несреќи во Берлин и во соседната провинција Бранденбург.
Во покраината Саксонија-Анхалт, училишен автобус со 16 деца вчера падна во канал поради лизгавата површина на коловозот. Едно дете е полесно повредено.
Во југозападната покраина Баден-Виртемберг, 71-годишен маж и 54-годишна жена возач во соседната покраина Рајна-Пфалц загинаа во несреќи на лизгави патишта.
