
📷 НОВИ РОБОТИ И БОМАШКИ ОДЕЛА ЗА СПЕЦИЈАЛЦИТЕ Американска донација од милион евра за македонската полиција

Министерството за внатрешни работи доби донација од околу еден милион евра од Амбасадата на САД, наменета за Единицата за откривање и демонтирање на експлозивни средства.
Донацијата беше предадена во кругот на МВР, во присуство на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој оцени дека станува збор за значајно зајакнување на капацитетите на полицијата.
– Ова е уште една потврда за силното стратешко партнерство и пријателството меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави. Со оваа високософистицирана опрема директно вложуваме во заштита на човечки животи и во безбедноста на нашите полициски службеници кои се справуваат со најсложени задачи – изјави Тошковски.
Опремата вклучува роботи за неутрализација на експлозивни направи, специјални бомбашки одела, телескопски манипулативни раце, детектори и рендген-уреди за откривање експлозивни средства, фибер-оптички камери, како и специјализирано возило за транспорт.
Министерот упати благодарност до Амбасадата на САД за континуираната поддршка и обуките што ги добива македонската полиција.
– Продолжуваме заедно да ги јакнеме капацитетите на МВР и да градиме посигурна и побезбедна држава – додаде Тошковски.
Од МВР оценуваат дека новата опрема значително ќе ја зголеми ефикасноста и безбедноста на единицата која интервенира во најризичните ситуации.
.
