
Нови правила за патување во ЕУ: Што треба да знаат македонските граѓани?
Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека почнувајќи од 12 октомври 2025 година, Европската Унија ќе започне со постепено воведување на Системот за влез/излез (EES), кој ќе биде целосно имплементиран до април 2026 година.
Овој нов дигитален систем претставува една од најзначајните реформи во областа на граничното управување на ЕУ, заменувајќи го досегашното ставање печати во пасошите со електронска евиденција на биометриски податоци (фотографија и отпечатоци од прсти), како и точни записи за датумите на влез и излез.
За кого важи системот?
EES се однесува на сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија или Шенген зоната и кои патуваат за краток престој (до 90 дена во рамки на 180 дена). Тоа ги опфаќа:
патниците кои се ослободени од виза за влез во ЕУ,
патниците кои поседуваат виза за краток престој.
Граѓаните на земјите-членки на ЕУ и на Шенген зоната не подлежат на новиот систем.
Земји каде ќе се применува EES
Системот ќе биде активен на сите надворешни гранични премини на 29 земји, меѓу кои се: Грција, Бугарија, Австрија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Шведска, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн.
Кои се целите на воведувањето?
Со EES, Европската Унија има за цел:
да ја зголеми безбедноста на граѓаните, преку подобро откривање на фалсификувани документи и идентитетски измами,
да ја подобри борбата против криминалот, тероризмот и нелегалната миграција,
да го олесни патувањето преку побрзи и поефикасни гранични проверки,
да обезбеди прецизна дигитална евиденција за времетраењето на престојот, елиминирајќи можни недоразбирања кои порано настануваа со рачните печати.
