
Новата општинска зграда во Карпош ќе биде свечено отворена на 10 септември
Новата административна зграда на Општина Карпош, еден од најголемите капитални проекти во историјата на локалната самоуправа, ќе биде свечено отворена следната среда, на 10 септември, со почеток во 19:00 часот. Од Општината ги покануваат сите граѓани да присуствуваат на настанот.
Објектот веќе е целосно осветлен откако деновиве беше приклучен на електричната мрежа од страна на екипи на ЕВН. Во моментов се изведуваат и финалните поврзувања на телекомуникациските и интернет мрежите, со што зградата наскоро ќе стане целосно функционална.
Од локалната самоуправа го опишуваат објектот како едно од најзначајните вложувања во историјата на Карпош, истакнувајќи ја неговата модерна и енергетски ефикасна градба. Изградена според современи стандарди, со модерен интериер и комплетно функционален приземен дел наменет за граѓаните, новата зграда треба да ги задоволи потребите на администрацијата и локалното население.
„Со овој капитален проект, Општина Карпош ја потврдува својата определба за создавање современи, функционални и енергетски ефикасни јавни објекти, во кои граѓаните ќе можат да ги остваруваат своите права и услуги во услови достојни за еден европски град“, се вели во соопштението на Општината.