
НОВА ВЛАДА ИЛИ ИЗБОРИ: Вучиќ се обрати до јавноста
Српскиот претседател Александар Вучиќ сooпшти дека во следните 10 дена ќе биде донесена одлука дали да се формира нова влада или да се оди на избори.
Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска поднесе оставка, а набргу по него и Милан Ѓуриќ поднесе оставка од функцијата градоначалник на Нови Сад.
Вучиќ потоа се осврна на процедурите кои следат по оставката на премиерот.
„Не е фер, но таков е животот. (Вучевиќ) покажа дека фотелјата не му е поважна од принципите, така постапил. Кога ќе биде констатирана оставката на премиерот, тогаш времето почнува да тече. Сега течат процедурите. Во рок од 30 дена мора да биде избрана влада. Ако не биде избрана, тогаш веднаш се распишуваат избори. Што се однесува до мене, јас сум отворен за двете опции (и коалициска влада и избори)“, вели Вучиќ.
Српскиот лидер откри дека вонредните парламентарни избори би можеле да се одржат веќе во април.
„Мораме брзо да избереме нова влада или ќе одиме на избори. Изборите би можеле да се одржат за приближно за 75 дена. Тоа значи, најреално, април, пред мајските празници. Нема да има привремени влади“, рече тој.
Вучиќ на самиот почеток на своето обраќање спомена за исполнување на барањата на студентите, но и помилувањата, пренесе Телеграф. Toj рече и дека луѓето кои вчера протестирале ѝ нанеле огромна штета на државата.

