НОВА ИНВЕСТИЦИЈА НА ПОПОВА ШАПКА Нема повеќе долги чекања за влез на скијачките патеки
На Попова Шапка се поставени нови порти за скенирање на билетите пред жичниците и ски-лифтовите, со што ски-центарот најавува побрз и поефикасен пристап до скијачките патеки.
Од Ски-центарот Попова Шапка информираат дека станува збор за нова инвестиција во современа технологија, чија цел е да се намали времето на чекање и да се олесни преминот на посетителите кон патеките.
Според објавата на официјалната страница на ски-центарот, новите системи треба да придонесат и за подобрување на безбедноста и ефикасноста на контролата на билетите, како и за воведување повисоки стандарди за посетителите.
„За да обезбедиме побрзо, помодерно искуство и без долги чекања за сите љубители на скијањето, реализиравме поставување на нови порти за скенирање на билетите пред жичниците и ски-лифтовите“, наведуваат од Попова Шапка.
Од ски-центарот додаваат дека ќе продолжат со инвестиции со цел Попова Шапка да се развива како зимска туристичка дестинација.
„Продолжуваме со инвестиции за да ја направиме Попова Шапка ваша омилена зимска дестинација“, се наведува во објавата.
.
Извор: plusinfo.mk