
Николовски: „Снусот“ треба да биде регулиран
Министерот за земјоделство Љупчо Николовски денеска пред медиумите информираше дека поднел иницијатива до Владата за регулирање на прометот и политиките на никотинските кесички, односно таканаречениот „снус“ кој е во слободна продажба во земјата и најмногу го користат младите.
– На моја иницијатива направивме информација во владина постапка со која се задолжува Министерството за здравство да ги направи сите анализи за безбедноста на овие никотински кесички. Ќе се формира работна група на Министерството за земјоделство, Министерството за здравство, Царинската управа и останатите институции кои ќе треба да ја информираат Владата дали ќе треба да се промени Законот за тутун или да се регулира на нов начин, рече Николоски.
Николовски добил стручно мислење дека во овој производ нема воопшто тутун, односно дека не е опфатен во Законот за тутун и бидејќи за него нема дефиниција, произлегува дека и воопшто не е регулиран.
