📽️ НИКОЛОСКИ СО ПОДДРШКА ЗА РАДИЧЕВСКИ Најави проекти за Брвеница и околните села
Кандидатот за градоначалник на Општина Брвеница од ВМРО-ДПМНЕ, Стојанчо Радичевски, и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска го посетија селото Стенче, од каде што порачаа дека со конкретни инфраструктурни проекти ќе се поддржи развојот на општината.
При посетата на црквата „Света Екатерина“, Николоски истакна дека станува збор за значаен локалитет што го посетуваат не само жители од околните места, туку и луѓе од други делови на Македонија.
– Посетивме прекрасна црква, црквата „Света Екатерина“. Навистина, овде е направено мало чудо. Од она што бев информиран, црквата е доста посетувана, не само од локалното население, туку и од многу луѓе од цела Македонија, кои доаѓаат да се помолат за здравје и да поминат убави моменти со пријателите и семејствата. Ги поканувам сите што не биле да дојдат и да ја видат оваа прекрасна црква – рече Николоски.
Тој најави дека ќе биде поддржано подобрувањето на пристапната патна инфраструктура. Според него, тендерската постапка за изградба на патот до црквата и селото Стенче е завршена и избран е изведувач.
Николоски оцени дека подобрата патна поврзаност ќе го олесни пристапот до селото и црквата, а со тоа ќе создаде услови за поголем број посетители и за искористување на туристичкиот и економскиот потенцијал на регионот.
Тој најави и поддршка за други инфраструктурни проекти во Општина Брвеница, меѓу кои и рехабилитација и проширување на патот до селото Гургурница.
– Ќе продолжиме да ја поддржуваме општината и убеден сум дека по победата следниот викенд, по локалните избори, заедно со новиот градоначалник Стојанчо ќе работиме на уште многу проекти. Министерството за транспорт и Владата се подготвени да ѝ помогнат на општината за да имаме уште повеќе реализирани проекти – изјави Николоски.
За патот до Гургурница, тој рече дека е подготвен заеднички ангажман со општината за негово рехабилитирање, проширување и реконструкција, со цел да се подобри патувањето до селото.
На крајот од посетата, Николоски ги повика граѓаните да гласаат за Стојанчо Радичевски, заокружувајќи го бројот 1 на вториот круг од изборите за градоначалник на Општина Брвеница.
.
Извор: plusinfo.mk