
Нетанјаху до борците на Хамас: Готово е, предајте се сега
Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху ги повика борците на радикалното палестинско движење „Хамас“ веднаш да го положат оружјето и да се предадат, пренесе Франс прес. Агенцијата додава дека според премиерот, имало голем број борци на исламистичката група кои во последните денови им се предале на израелските сили во Појасот Газа, чувствувајќи дека дошол „почетокот на крајот“ за Хамас.
„Тие го оставаат оружјето и се предаваат на нашите херојски воини. Да, ќе биде потребно време. Војната продолжува, но ова е почеток на крајот за Хамас“, рече Нетанјаху во соопштението за печатот, цитирано од АФП. „Имам порака за терористите од Хамас: Ова е крајот. Не умирајте за Синвар“, изјави и израелскиот премиер, мислејќи на лидерот на Хамас во Појасот Газа, Јахја Синвар.