НЕМА ОДГОВОР ОД СОФИЈА НА БАРАЊЕТО ЗА БИЛАТЕРАЛНА СРЕДБА По советот на Фон дер Лајен, Македонија побара состанок меѓу Муцунски и Петрова
Сè уште нема одговор од бугарската страна за барањето за средба што ја побара македонското МНР со Софија по разговорите во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски во петокот рече дека по добиениот совет од Фон дер Лајен го замолил министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски да побара средба со бугарската страна. Барањето е испратено, но одговор сè уште нема.
– Го замолив министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба. Тоа тој го направи. Сè уште немаме одговор. Откако ќе добиеме одговор, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме – рече Мицкоски.
Повод за советот на Фон дер Лајен да се побара билатерална средба на Муцунски со килешката Велислава Петрова Чамова е состанокот за Коридорот 8 што ќе се одржи на 8 октомври во Софија..
Во врска со различните ставови кон цар Самуил, премиерот Мицкоски рече дека не знае на што точно се однесуваат тие разлики.
– Како резултат на еден договор од минатото Бледскиот договор, посмртните останки на големиот македонски великан, Гоце Делчев се наоѓаат во црквата „Свети Спас“ во Скопје. Некако забораваме на тој договор. Ние како да имаме селективна меморија, ова делува како на доручек да се послужиме со она што сакаме, а она што не сакаме, го оставаме на страна. Така што, и тие договори треба малку да ја освежат меморијата, регионално – рече Мицкоски.
Премиерот се осврна и на информациите дека дел од размената на артефакти меѓу Бугарија и Грција се и антиквитети и реликвии од црквата „Богородица Перивлепта“ во Охрид, за кои, како што рече, постојат наводи дека за време на Првата и Втората светска војна биле одземени и однесени во главниот град на источниот сосед, но додаде дека не би навлегувал во дополнителни коментари за ова прашање.
.
Извор: plusinfo.mk