
„Нема начин да се реши безбедноста на Израел без формирање палестинска држава“
Нема начин да се решат долгорочните безбедносни предизвици на Израел без формирање палестинска држава, изјави денеска портпаролот на Стејт департментот Метју Милер.
Говорејќи на брифинг со новинарите, Милер рече дека Израел во моментов има можност бидејќи земјите од регионот се подготвени да му дадат безбедносни гаранции на Израел, пренесе Ројтерс.
„Но, не постои начин да се решат нивните долгорочни предизвици, да се обезбеди трајна безбедност и нема начин да се решат краткорочните предизвици за обнова на Газа и воспоставување на владеење во Газа и обезбедување безбедност за Газа без формирање палестинска држава. “, истакна тој.
Неговата изјава дојде откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на прес-конференција рече дека му рекол на Вашингтон дека се противи на секоја палестинска државност што не ја гарантира безбедноста на Израел.
„Јасно кажувам дека во секој договор во догледна иднина, со или без договор, Израел мора да има безбедносна контрола врз целата територија западно од реката Јордан. Тоа е неопходен услов. Тоа е во спротивност со принципот на суверенитет, но што можете да направите?“, рече Нетанјаху во Тел Авив.
Тој додаде дека немањето палестинска државност не застанало на патот на договорите за нормализација на односите со арапските држави од пред неколку години и дека има намера да ги потпише со одреден број други држави.
Израел и САД, неговиот најголем поддржувач, не се согласуваат околу прашањето за палестинската државност, бидејќи владата на Нетанјаху го отфрла формирањето на палестинска држава, иако Вашингтон тврди дека решението со „две држави“ е единствениот остварлив начин да се донесе траен мир во регионот.
И покрај несогласувањата, американската поддршка за долгогодишниот сојузник Израел „останува железна“, рече Милер.
„Ова не е прашање на притисок на Соединетите Американски Држави (Израел) да направи нешто. Станува збор за тоа дека Соединетите Американски Држави им ја даваат можноста што ја имаат“, посочи тој.
