
„Не успеаја лагите на опозицијата“: Мицкоски, Силјановска и Гаши присутни на Анкетната комисија за Кочани – „Тука сме да ги слушнеме семејствата“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска лично присуствуваше на седницата на Анкетната комисија во Собранието посветена на трагедијата во Кочани, со што директно ги демантираше најавите и обвинувањата од опозицијата дека државниот врв ќе го бојкотира сослушувањето. Тој порача дека наместо „растурање пердуви“ и политиканство, власта е тука за да ги слушне болката и барањата на семејствата.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека и покрај обидите да се креира лажна слика во јавноста, целиот државен врв покажал одговорност и почит кон жртвите.
Мицкоски беше остар кон политичките опоненти, обвинувајќи ги за манипулација со емоциите на јавноста во пресрет на седницата.
Тој додаде дека присуството на највисоките функционери е доказ дека „континуираните лаги на опозицијата им се распрснуваат во рака“, а вистината е дека институциите се тука за граѓаните.
Премиерот потенцираше дека суштината на нивното присуство не е политичка дебата, туку внимателно слушање на оние кои се најпогодени од трагедијата.
„Тука бевме да слушаме. Ги слушнавме ставовите на родителите кои земаа збор, како и дискусиите на дел од организациите како ’Супорт Кочани‘ и ’Кој е следен‘,“ рече Мицкоски.
Во завршниот дел од своето обраќање, Мицкоски упати длабоко сочувство до семејствата на загинатите и повредените, ветувајќи конкретна институционална поддршка за закрепнување на преживеаните.
„Ние како држава ќе сториме сѐ што е во наша моќ да помогнеме на тие коишто се лекуваат, да ја дадеме сета онаа нега којашто е потребна. Се разбира, сочувствуваме со болката на сите оние семејства коишто ги загубија своите најмили,“ заклучи претседателот на Владата.
