
Не дојавите за бомби, вест е тоа што 7 месеци тапкаме во место доуништувајќи го образованието и децата
Заканите со бомби се комбинација од домашни и странски актери. Се испраќаат преку VPN (Виртуелна приватна мрежа) па затоа не може да се детектираат. Доаѓаат од Русија, оти ѝ помагаме на Украина. Овие три-четири реченици ги слушаме најмалку 7 месеци, без да се открие кој е испраќачот и соодветно да биде санкциониран.
Утрово во телевизиско интервју, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по кој знае кој пат го повтори истото, кое веќе го знаеме, а медиумите наместо да истражуваат повторно се впуштија и денеска да пренесат дека „Бомбите се од Русија и дека доаѓаат од „тајни“ ИП адреси“.
Да беше крај на 20 век, можеби и ќе се тешевме со тоа дека не знаеме кој ја прекинува секој ден наставата, а и така кревкото образование што поради ковид пандемијата, што поради лошото менаџирање, сега и поради бомбите целосно ќе го бомбардираат образовниот процес, нанесувајќи штета на генерациите од кои за 30 години ќе произлезат новите пратеници, министри, премиер, претседател на државата.
Членка на НАТО сме, а премиерот формираше и посебен оддел за интернет безбедност откако на чуден начин под хакерски напад повеќе од една недела беше Фондот за здравствено и пензиско осигурување.
Од октомври до март, поради дојави за бомби биле проверени 862 локации во Скопје, ангажирани над две и пол илјади полициски службеници и потрошени над 5 милиони денари.
Од граѓанска иницијатива му поставија рок на МОН да го реши прашањето со дојавите за бомби во училиштата, а во спротивно се заканија со протест.

