
Наскоро на домашна адреса „честитка“ од македонската полиција
По принципот на сите европски држави, наскоро и кај нас полицијата ќе казнува без да ве сопре. Туку на домашна адреса ќе добиете „честитка“ на која ќе ги имате деталите каде сте го сториле прекршоко, а по дополнително ваше барање може да добиете и фотографија доказ за извршениот прекршок.
„Во моментов кај нас се надградува системот Safe City и кога се тоа ќе биде завршен соодветно ќе ја известиме јавноста се разбира се ова е во насока на побезбеден сообраќај“, вели Тони Ангеловски од МВР.
Тој додава дека превенцијата која ја спроведува МВР допира до еден дел од граѓаните, но останатите мора да бидат санкционирани.
„Јас јавно им се заблагодарувам на тие кои ги почитуваат правилата и придонесуваат за безбедноста. Но за жал имаме граѓани кои не ги почитуваат правилата и тие мора соодветно да бидат санкционирани“, додава Ангеловски.
Новиот надграден систем на МВР е еден од начините преку кои несовесните граѓани ќе бидат казнети.
„Не е работата да се плати казната кон полицијата, работата е да се спречи сообраќајна несреќа која може да донесе жртви“, заклучува Ангеловски.
