Наполи сигурно чекори кон титула: Симеоне ја урна Рома за да остане големата предност (ВИДЕО)
Колку е моќен Наполи се виде вечерва, зашто резервите му го донесоа големиот триумф после кој влегуваат во мирен период против послаби екипи и ако продолжат да газат, сѐ поблизу ќе бидат до шампионскиот трофеј.
Џовани Симеоне, кој заедно со Џакомо Распадори, Елиф Елмас и Матијас Оливеира влегоа во последните 20 минути од мечот, ја донесе победата со прекрасен гол од 16 метри на четири минути пред крајот, по удар на кој Руи Патрисио не можеше ништо да направи.
Можеше Наполи многу посигурно да триумфира да не беше себичноста во контрата „три на два“ на Ирвинг Лозано после еден час игра, па Стефан Ел Шарафи го шокираше „Диего Марадона“ со гол за израмнување во 75-та, откако од 17-та наполитанците водеа со голот на Виктор Осимен и неговата прекрасна реакција на асистенцијата на Квича Кварацхелија.
Наполи сега има 53 бода, Интер е втор со 40, па следат Лацио, Аталанта и Милан по 38, Рома со 37 во таа пеколна трка за ЛШ. Наполитанците ја запишаа 17-та победа во 20 меча и сигурно газат кон првата титула по 1990 година.