
НА ЕДНА ЕВРОПСКА ЗЕМЈА И НЕДОСТИГААТ ЕДЕН МИЛИОН РАБОТНИЦИ: Еве која, и во која бранша!
Италија се соочува со голем недостиг на работна сила и недостигаат вкупно околу еден милион работници во неколку сектори, рече министерката за труд Марија Елвира Калдероне.
Главниот проблем е што се повеќе луѓе го напуштаат пазарот на труд поради возраста, а тешко е да се најдат нови работници кои ќе ги пополнат тие работни места, рече Калдероне во средата.
Владата работи на тоа да обезбеди „компаниите да имаат работна сила обучена за работата што ќе ја работат, а особено за предизвиците на денешницата и утрешниот ден“, нагласи таа.
Ова е особено поврзано со еколошката и дигиталната трансформација во светот на работата, додаде Калдероне, истакнувајќи дека главната цел е да се вработи „секој граѓанин на Италија“.
Недостигот од работна сила е особено изразен во туризмот, велат од здружението „Асотуризам конфесерценти“. Од угостителството се жалат на слабиот одзив на понудите, но и на недоволната квалификација на кандидатите за работа.
Земјоделството во летните месеци и во сезоната на жетва има потреба од најмалку 100.000 работници, соопшти земјоделското здружение „Колдирети“.
Нагласија дека итно им се потребни трактористи, градинари и берачи на овошје и зеленчук. Тие бараат и квалификувани работници во дигиталниот сектор, како земјоделски техничари кои знаат да управуваат со дронови, да читаат метеоролошки податоци и да користат ИТ алатки.
