
На девет угостителски објекти им се одземени лиценците, кај 17 утврдени неправилности
Денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши информираше дека од вкупно 23 угостителски објекти со активна лиценца, кај 17 се утврдени неправилности. На девет субјекти веднаш им се одземени лиценците, додека осум имаат рок да ги отстранат утврдените технички недостатоци.
Како што рече Дурмиши, инспекцискиот надзор на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) покажал дека кај дел од објектите се работи за технички проблеми кои можат да се решат во разумен рок.
„Контролите од ДПИ покажаа дека се работи за технички услови кои се отстранливи. Затоа е даден соодветен рок, но ако субјектите не ги исполнат условите, ќе им бидат одземени и лиценците“, нагласи министерот.
Во однос на потребата од посистемски пристап во контролата, Дурмиши најави измени на Законот за угостителска дејност. Работна група веќе работи на законски решенија кои ќе предвидат две можности – контролите да ги преземе Пазарниот инспекторат или да се формира специјализирана комисија составена од претставници на надлежни институции.
Министерот потсети дека спорниот модел, воведен со измените на Законот во 2008 година, дозволуваше угостителите под морална одговорност да пријават дека ги исполнуваат минималните технички услови, без реална проверка на терен. Потребата за построги контроли беше потенцирана по трагедијата во Кочани, кога беше утврдено дека дискотека работела без исполнети основни безбедносни услови.
„Целта ни е да обезбедиме поголема безбедност, транспарентност и контрола во секторот. Граѓаните мора да бидат сигурни дека секој објект во кој влегуваат работи според сите стандарди“, додаде Дурмиши.