
МОЖНА ДЕСТАБИЛИЗАЦИЈА: Косово очекува нови напади како тој во Бањска
Mилан Радоичиќ подготвува нови напади на Косово, вели косовскиот премиер Албин Курти.
Заедно со министерот за внатрешни работи Џелал Свечља коментираа дека според нив целта на овие планови е да се дестабилизира државата. Според Курти, Радоичиќ има редовни средби со српските разузнавачи, а членовите на неговата група добиваат плата од 2.000 евра месечно.
„По терористичкиот напад, Милан Радоичиќ беше ослободен од српскиот суд во рекордно време. Тој сега заедно со некои членови на терористичката организација „Цивилна одбрана“ ги продолжува подготовките за други напади на Косово. Радоичиќ одржува редовни средби со високи претставници на БИА. Просториите на фирмата Јаблановица во Рашка, како и оние во Нови Пазар, се користат за сместување и складирање возила и експлозивни направи за идни напади на Радоичиќ и неговата група. Паравојските на Радоичиќ се засолнуваат во објектите што ги поседува овој туристички парк, а освен сместување, на членовите на терористичката група им се плаќа и по околу 2000 евра месечно“, вели Курти.
Тој рече дека Косово во соработка со меѓународните партнери е подготвено да одбие таквите напади. Свечља направи хронологија на целиот настан кој се случи на 24 септември годинава во Бањска во северно Косово, каде загинаа четири Срби и еден косовски полицаец. Министерот покажа фотографии, мапи и снимки од дрон, како и слики од осомничените за нападот.
Но, Белград негира вмешаност во нападот. Радоичиќ, поранешен потпретседател на Српската листа, ја презеде одговорноста за нападот во Бањска. Годинава имаше серија тензични настани на Косово.
