
Миле Јанакиески стана сопственик на градежна инвестициска групација
Поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, станал еден од сопствениците на градежниот конзорциум „Смарт Инвест Гроуп“, објави порталот Фактор. Конзорциумот обединува повеќе познати градежни инвеститори од пелагонискиот регион, активни во изградбата на станбени комплекси.
Како што пишува Фактор, Јанакиески минатата недела влегол во групацијата на местото на битолскиот инвеститор Крсте Неделковски, сопственик на компаниите „Конкрит“ и „БВ Инженеринг“.
„Смарт Инвест Гроуп“ на својата официјална веб-страница наведува дека моментално располага со инвестициски фонд од 30 милиони евра. Компанијата гради згради во битолската елитна населба „Златен рид“, на Широк Сокак, како и на други атрактивни локации во Битола, Куманово и Скопје. Во главниот град најавен е комплекс од 128 станови во Карпош, кај Момин Поток.
За Јанакиески, кој во минатото беше еден од најблиските соработници на поранешниот премиер Никола Груевски, неофицијално се тврди дека веќе извесно време делува како консултант за земјиште за големи градежни компании.
Конзорциумот „Смарт Инвест Гроуп“ е формиран пред две години со концепт да собира заеднички капитал од повеќе инвеститори за финансирање на нови градежни проекти.
