
Мицкоски: Немаме фаворит, очекуваме нов Јавен обвинител кој ќе ги подобри резултатите!
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во интервју за дневникот на ТВ Сител појасни дека одлуката за разрешување на државниот јавен обвинител не е само политичка, иако, според него, е логично да има политички елемент.
„Ние ја водиме Владата и дадовме шанса година и половина, како ниедна влада во минатото, на наследениот Јавен обвинител да се развие со својот тим. Ги видовме резултатите и логично е дека не сме задоволни, па започнуваме процес за избор на нов Јавен обвинител од кој очекуваме многу повеќе“, посочи Мицкоски, охрабрувајќи ги сите компетентни кандидати да се пријават.
Согласно законот, потенцијалниот Јавен обвинител мора да потекнува од јавнообвинителската служба со минимум 10 години работно искуство или да биде кривичен судија. „Не може сега истакнати правници да се кандидираат, тоа е законот. Очекуваме кандидати од базенот на вишите обвинителства во апелационите подрачја и од државното јавно обвинителство, како и кривични судии“, објасни премиерот.
На прашањето дали има фаворит, Мицкоски одговори: „Немаме фаворит. Ги охрабрувам сите кои се чувствуваат компетентни и кои сакаат правда и право во државата да се пријават.“
