
Мециновиќ: Левица обезбеди бесплатни екскурзии и повисоки плати за асистенти, ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше другите мерки за средношколците
Кандидатот за градоначалник на Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, ги истакна досегашните успеси и блокирани иницијативи на советничката група на партијата во Советот на Град Скопје, фокусирајќи се на придобивките за средношколската популација.
Во својата објава, Мециновиќ нагласи дека благодарение на заложбите на Левица, во Скопје се воведени конкретни мерки за подобрување на условите за учениците.
„Благодарение на Левица денес средношколците од социјално ранливи категории имаат бесплатни екскурзии, во училиштата се воведени сензорни соби за деца со попреченост, а надоместокот за образовните асистенти е зголемен од 9.000 на 18.000 денари“, посочи Мециновиќ, додавајќи дека биле организирани и едукации за самозаштита при пожари.
Истовремено, тој упати критика до мнозинството во Советот, предводено од ВМРО-ДПМНЕ, за отфрлање на низа други предлози наменети за младите. Според Мециновиќ, не била поддржана идејата за вработување на училишни чувари наместо ангажирање на приватни агенции за обезбедување, како и иницијативите за бесплатни часови по странски јазици, спорт и информатика.
Меѓу одбиените предлози, како што наведе кандидатот на Левица, биле и забраната за отворање угостителски објекти во училишните дворови и барањето за транспарентна супервизија на тендерите за ученичките екскурзии.
Мециновиќ најави дека партијата ќе продолжи да се залага за слични проекти и во иднина.
„Ова е насоката во која ќе се движиме и понатаму, а во кампањата ќе претставиме и поголеми замисли за училиштата под градската управа. Скопје, младост – ти ќе бидеш!“, порача тој.