
„МЕ РАЗБУДИ, МИСЛЕВ ДЕКА ЌЕ СЕ УРНЕ КУЌАТА И ДЕКА ГРАДОТ Е УНИШТЕН“: Застрашувачки земјотрес во Црна Гора, почувствуван и во Сараево и Белград
Градоначалникот на општина Билеќа,Веселин Вујовиќ, рече дека него и неговите сограѓани синоќа ги разбудил силен земјотрес чиј епицентар бил во Црна Гора, а како што вели ситуацијата била таква што сите имале чувство дека ќе им се урнат куќите.
„Земјотресот што утрово беше почувствуван овде во Билеќа беше исклучително силен. Со оглед на самото чувство на јачината на земјотресот, мислев дека се уништени многу работи во градот. Но, овде, за среќа, нема поголеми видливи штети. Луѓето се уште се на терен, ги посетуваме јавните институции, ќе почекаме да видиме дали луѓето ќе пријават штета. Засега не знаеме дали ќе има такви пријави. Но вака, визуелно на прв поглед, минавме доста добро“, изјави Вујовиќ за „Независне новине“.
Тој вели дека спиел во моментот кога почнал земјотресот.
„Ме разбуди. Силно се стресе. Имав чувство дека ќе се урне куќата. Но, важно е да нема паника меѓу населението. Луѓето беа малку исплашени на почетокот“, рече Вујовиќ.
Црна Гора беше погодена од земјотрес со јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала во 4 часот и 6 минути, што беше почувствуван и во Сараево и во Белград.
