
Мбапе со еврогол го помина Платини на вечната листа (ВИДЕО)
„Триколорите“ водат на гостувањето кај Холандија со 2-0, а токму Мбапе е стрелец на двата гола. Особено беше атрактивен вториот кој го постигна со фантастичен шут од работ на шеснаесетникот за што честитки доби и од домашната публика.
Со овие два гола, фудбалерот на ПСЖ стигна до бројката од 42 за француската репрезентација и го помина Мишел Платини на четвртото место на вечната листа на стрелци во француската репрезентација. Пред него сега е Антоан Гризман со 44, а најдобриот Оливие Жиру има 54. Со вакво темпо, може да се очекува до крајот на идната година Мбапе да го помине и Жиру и да избие на првото место.