
Машиновозачите во Германија ќе штрајкуваат 6 дена: Од утре железничкиот сообраќај ќе биде парализиран
Германскиот синдикат на машиновозачи ГДЛ повика на најдолг штрајк досега за време на тековните преговори за колективно договарање, кои треба да започнат утре. Планирано е штрајкот да трае цели шест дена и целосно да го парализира железничкиот сообраќај во Германија.
„И последната понуда од Германски железници (ДБ) покажува дека раководството нема намера позитивно да ги заврши овие преговори, туку да истрае во конфликтот“, изјави директорот на синдикатот ГДЛ, Клаус Везелски.
Машиновозачите на некои приватни компании нема да штрајкуваат
Штрајкот на товарниот сообраќај треба да започне утре во 18 часот, а планот е штрајкот да се прошири и на патничкиот сообраќај ноќта вторник кон среда и да трае до понеделник навечер.
Според Index.hr, во штрајкот нема да учествуваат машиновозачите на одредени приватни компании кои работат во регионален сообраќај, но со оглед на тоа што во штрајкот се вклучени и работниците во инфраструктурата на ДБ, штрајкот може да го парализира целиот железнички сообраќај.
Раководството на ДБ остро го критикуваше потегот на ГДЛ и најави дека ќе се обиде да го забрани штрајкот преку суд.
„ДБ прави напори да постигне компромис, додека ГДЛ целосно непотребно го ескалира конфликтот на сметка на патниците“, вели ДБ.
Министерот: Конфликтот меѓу ДБ и ГДЛ добива деструктивни размери
Министерот за транспорт Волкер Визинг рече дека конфликтот меѓу ДБ и ГДЛ достигнува „погубни размери“.
„Не сум сигурен дека господинот Везелски си прави услуга на себе и на синдикатот со овој потег“, посочи Висинг.

