
Машиновозачите на МЖ со бојкот: Прекинат патничкиот сообраќај!
Машинскиот извршен персонал на „Македонски железници“ денеска од 13 часот започна бојкот на работата. Работниците остануваат на своите работни места, но одбиваат да ги извршуваат редовните задачи, што веднаш предизвика прекин во патничкиот сообраќај. Возот за Битола не тргна по возниот ред, а откажан е и најавениот воз за Гевгелија.
Од Синдикатот на машиновозачи предупредуваат дека бојкотот може да продолжи и во наредните денови, бидејќи раководството на претпријатието, како што велат, не покажува слух за нивните барања. Очекуваат повик на состанок и почеток на конструктивни преговори.
Вработените во железницата, вкупно 603 лица, од кои 46 активни машиновозачи, бараат исплата на прекувремените часови, бонус плата за оние со над 150 прекувремени часа, покачување на коефициентот за 0,80 поради растот на животните трошоци и исплата на 10 проценти од платата при вонредно повикување на работа.

