
„Маршот на ангелите“ заврши со силни пораки: Правда, одговорност и крај на неказнивоста
Со три минутен молк во чест на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска во Скопје почна „Маршот на ангелите“, граѓански протест кој ги обедини илјадниците присутни во заедничкиот повик – правда за 63-та млади животи и одговорност од институциите кои, како што беше порано нагласено, задоцниле да спречат катастрофа.
Маршот се движеше по две рути: од Плоштад Македонија и од Основниот кривичен суд, а двете колони се споија пред Собранието каде што беа одржани повеќе емотивни обраќања.
„Не бараме сожалување – бараме вистина, правда и фер постапка“
Наталија Ѓорѓиеска, сопруга на пејачот Андреј од групата ДНК, порача дека семејствата не бараат утеха, туку гаранции дека трагедијата нема да се повтори.
Таа упати јасни барања:
„Трагедијата не е бројка, туку живот. Бараме одговор – кој не реагирал, кои институции задоцнија и зошто,“ истакна Ѓорѓиеска.
„99 километри болка – и 99 километри надеж“
Еден од демонстрантите одржа говор кој силно одекна меѓу присутните. Тој го опиша патот од Кочани до Скопје како „99 километри таги, солзи, бес и гнев, но и 99 километри надеж дека конечно ќе има правда“.
Тој жесто ги критикуваше пратениците кои не излегле меѓу народот:
„Знаат да соберат мнозинство кога се работи за приватни интереси, но кога треба да се помогне – одеднаш има 99 изговори.“
Демонстрантот потсети дека судскиот процес започнува за неколку дена и упати апел до институциите за емпатија, одговорност и транспарентност.
„Системот молчи за 63 животи“ – потресен говор на млада демонстрантка
Особено трогателен беше и говорот на млада демонстрантка, која се обрати во име на младите, споделувајќи ја болката што ја гледала во очите на кочанските семејства.
„Зошто нашата држава повеќе личи на казна отколку на дом? Зошто растеме со страв? Зошто никој не одговара?“ праша таа.
Таа остро ја критикуваше инертноста на институциите:
„Системот молчи. А 63 млади животи се изгубени. Најтрагично е што некои мислеа дека ова ќе се заборави.“
