
Макрон: Путин го разбуди НАТО од „мозочната смрт“ со најлошиот можен електричен шок
Владимир Путин го разбуди НАТО со неговата инвазија на Украина минатата година. Ова го изјави францускиот претседател Емануел Макрон, цитиран од АФП.
„Во декември 2019 година, кажав остри зборови за НАТО“, им рече Макрон на новинарите во Братислава, потсетувајќи како тогаш тој го нарече западниот одбранбен сојуз „мозочно мртов“. „Можам да кажам дека Владимир Путин го разбуди со најлошиот можен струен удар“, додаде тој.
Макрон ги повикува и земјите од ЕУ да купат европско оружје. Францускиот претседател рече дека европската одбранбена структура е „неопходна“ за долгорочна доверба во блокот.
„Една одбранбена Европа, еден европски столб во НАТО се незаменливи. Ова е единствениот начин да се биде веродостоен на долг рок“, рече Макрон во Братислава, додавајќи дека „на нас Европејците зависи во иднина да имаме сопствена способност да се браниме“.
Макрон, исто така, повикува на „опипливи“ безбедносни гаранции на НАТО за Украина додека се бори против руската инвазија.
Истакнувајќи дека Украина „денес ја брани Европа“, Макрон во Братислава рече дека е во интерес на Западот Киев да „има сигурни безбедносни гаранции со нас во мултилатерална рамка“.
