Skip to content
Novina.mk Novina.mk
  • Следетене
  • ПОЧЕТНА
  • МАКЕДОНИЈА
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • СПОРТ
  • Video
  • МАГАЗИН
Nova.mk (2)
  • Последни
 МАКЕДОНЦИТЕ МУАБЕТАТ СО ЧАТ ГПТ НАМЕСТО ДА ГО ИСКОРИСТАТ ЗА РАБОТА По барање совети сме на врвот на Европа
Македонија

МАКЕДОНЦИТЕ МУАБЕТАТ СО ЧАТ ГПТ НАМЕСТО ДА ГО ИСКОРИСТАТ ЗА РАБОТА По барање совети сме на врвот на Европа

28/09/2026

AA

На Чат ГПТ во Македонија многу почесто му велиме „што да правам?“ отколку „заврши ми ја работата“. Речиси четири од секои десет пораки во јуни биле за практични насоки, додека помалку од две од десет биле поврзани со работа, сугерира анализата на Институтот Демократика.

Бројките ја ставаат Македонија речиси на двата спротивни краја на европската листа. Со 39,9% практични насоки сме втори од 36 земји, а со 18,1% работни пораки сме дури 34.

И зад тие проценти се крие прилично интересна слика за тоа што всушност правиме кога ќе го отвориме Чат ГПТ.

Практичната помош не значи само едноставно прашање. Во оваа категорија влегуваат советите „како да“, подучувањето, креативното осмислување, но и разговорите за здравје, фитнес, убавина и лична грижа.

Пред нас во Европа е само Романија. Таму практичните насоки сочинуваат 40,5% од пораките, а во Македонија 39,9%. Зад нас се Албанија со 38%, Црна Гора со 37,5%, Грција со 36,6%, Хрватска со 35,5%, Србија со 34,3% и Босна и Херцеговина со 33,2%.

Не бараме само совет, туку и си муабетиме

Уште поинтересно станува кога од советите ќе преминеме на обичниот разговор.

Во јуни 10,6% од сите пораки од Македонија биле самоизразување, што нè става на третото место меѓу 36 европски земји. Во оваа категорија OpenAI ги сместува поздравите и неформалните разговори, односите и личната рефлексија, како и игрите и играњето улоги.

А кога ќе се тргнат работните пораки, македонската склоност кон муабетот излегува уште посилно на површина.

Од пораките што не се поврзани со работа, дури 42,6% се класифицирани како „изразување“. Тоа е највисок удел меѓу 34 европски земји за кои има податоци. Просекот кај останатите е 32,7%.

Истовремено, само 39,2% од овие пораки се класифицирани како „барање“, што е најнизок удел во истата група земји.

Значи, Чат ГПТ кај нас не е само машина на која ѝ задаваме задача или ѝ поставуваме прашање. Значаен дел од интеракцијата изгледа многу повеќе како – разговор.

Чат ГПТ сè помалку ни е „колега“

Најинтересниот пресврт се гледа кога бројките ќе се вратат една година наназад.

Практичните насоки во вториот квартал од 2025 година сочинувале 29,5% од пораките. Една година подоцна нивниот удел стигнал до 38,6%.

Тоа е раст од околу 9 процентни поени. Во истиот период европската медијана пораснала за 4,2, а глобалниот удел за 4 процентни поени. Значи, целиот свет почнал повеќе да бара практична помош од Чат ГПТ, но во Македонија промената е приближно двојно поголема.

Работата, пак, се движи во обратна насока.

Во првите шест месеци од 2025 година 28,7% од македонските пораки биле поврзани со работа. Во втората половина од годината уделот се спуштил на 23,1%, а во првата половина од 2026 на 19,6%.

Во јуни останале само 18,1%.

Пад има и во Европа и глобално, но повторно е поизразен кај нас. Меѓу вторите квартали работната употреба во Македонија паднала за 7,7 процентни поени, наспроти 4,6 кај европската медијана и 3,8 глобално.

Фото: Креирана илустрација

На Балканот секој си има свој Чат ГПТ

Регионалните бројки откриваат уште поинтересни разлики.

Романците најмногу бараат практична помош, со 40,5%, а Македонците се веднаш зад нив со 39,9%. Албанците се блиску со 38%, додека Србија е значително пониско со 34,3%.

Но Србите имаат друга навика. Со 11,6% самоизразување, тие се единствената балканска земја во табелата со поголем удел од Македонија, која има 10,6%. Словенците, пак, се многу поблиску до „работниот“ профил – 25,3% од нивните пораки се поврзани со работа, наспроти македонските 18,1%.

Особено необичен е контрастот со Босна и Херцеговина. Таму дури 32,3% од пораките се барање информации, речиси двојно повеќе од македонските 16,4%. Но БиХ истовремено има само 13,5% пораки поврзани со работа, најмалку во балканската споредба.

Со други зборови, Балканот не го користи Чат ГПТ на ист начин. Македонскиот профил особено отскокнува со комбинацијата многу практична помош, многу самоизразување и малку класично барање информации.

За информации сме на самото дно

Тука доаѓа можеби најнеочекуваната бројка во целата анализа.

Само 16,4% од македонските пораки во јуни биле класифицирани како барање информации. Европската медијана е 23,4%.

Резултатот нè става на последното, 36. место од 36 земји.

Но ова не значи дека Македонците не го користат Чат ГПТ за да дознаат нешто.

OpenAI многу тесно ја дефинира оваа категорија. Прашањата за конкретни информации, производи или рецепти одат во „барање информации“, но ако побараме совет, нешто да ни објасни или помош за здравствено прашање, тоа веќе може да заврши во „практични насоки“.

И има уште една важна ограда. Големиот пад кај барањето информации е концентриран во мај и јуни 2026 година. Од јануари до април уделот бил многу поблиску до европската медијана, па два месеца не се доволни за да се прогласи траен тренд.

Не сме по Чат ГПТ ни кога треба да се пишува

Кај пишувањето, пак, нема таква дилема. Во сите 21 месец за кои постојат споредливи податоци, уделот на пишувањето во Македонија бил под европската медијана.

Во јуни само 14,7% од пораките биле поврзани со пишување, наспроти европската медијана од 19,9%. Тоа ја става Македонија на 33. место од 36 земји.

Ова е и еден од најстабилните резултати во целата анализа. За разлика од неодамнешниот скок на советите или краткиот пад на барањето информации, помалата употреба за пишување се провлекува низ речиси целиот период за кој има податоци.

Најмногу пораки доаѓаат од оние меѓу 25 и 34 години

Кој стои зад разговорите?

Од пораките за кои има самопријавена возраст, најголем дел – 37,6% – доаѓаат од корисници меѓу 25 и 34 години. Следуваат оние од 35 до 44 години со 24,8%, а потоа групата од 18 до 24 години со 21,8%.

Сепак, сите овие бројки имаат една важна граница.

Тие не значат дека 39,9% од Македонците бараат совет од Чат ГПТ, ниту дека само 18,1% од луѓето го користат за работа. OпенАИ го мери составот на пораките, а не бројот на луѓето. Еден корисник може да испрати десетици пораки, а друг само една.

Дополнително, во анализата не влегуваат Enterprise и Codex, па самата методологија може да ја потценува професионалната и техничката употреба.

.

Извор: plusinfo.mk

TACT.mk

Previous post
Next post
Последни Новини
Македонија

ПРЕТРЕСИ НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ, НЕКОЛКУМИНА УАПСЕНИ Во тек е голема

28/09/2026
Македонија

МАКЕДОНЦИТЕ МУАБЕТАТ СО ЧАТ ГПТ НАМЕСТО ДА ГО ИСКОРИСТАТ ЗА

28/09/2026
Македонија

МОТОЦИКЛ УДРИ ПЕШАК НА ПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД Мотоциклистот потешко повреден од

28/09/2026
Македонија

ЛЕТАЛ ВО ТАНДЕМ СО ШВЕЃАНКА, НА СЛЕТУВАЊЕ ПОВРЕДИЛА НОГА Кривична

28/09/2026
Македонија

TASK FORCE ФАТИ 18-ГОДИШНИК ВО КУМАНОВО Полицијата привела 7 лица

28/09/2026
Македонија

ФИЛИПЧЕ НЕ УСПЕА ДА БИДЕ НИТУ ОПОЗИЦИЈА Никако да сфати

28/09/2026
Македонија

ВАКЦИНИРАЈТЕ ГИ ДОМАШНИТЕ МИЛЕНИЦИ ПРОТИВ БЕСНИЛО! Апел од Агенцијата за

28/09/2026
Македонија

ПРОМЕНЛИВО ОБЛАЧНО, НО СО СОНЧЕВИ ПЕРИОДИ Студено утро, попладне температурите

27/09/2026
  • Економија 7905
  • Магазин 4842
  • Македонија 45843
  • Регион 3997
  • Свет 14
  • Спорт 4718
СЛИЧНИ НОВИНИ ЗА ВАС

ПРЕТРЕСИ НА ПОВЕЌЕ ЛОКАЦИИ, НЕКОЛКУМИНА УАПСЕНИ Во тек е голема антитерористичка акција на МВР и

28/09/2026

На повеќе локации во Скопје утрово се вршат претреси во заедничка акција на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за

МОТОЦИКЛ УДРИ ПЕШАК НА ПАТОТ КИЧЕВО-ОХРИД Мотоциклистот потешко повреден од пешакот

28/09/2026

Во СВР Охрид вчера попладне било пријавено дека на магистралниот пат Кичево – Охрид, кај кичевското село Подвис, С.Т.(48) од

ЛЕТАЛ ВО ТАНДЕМ СО ШВЕЃАНКА, НА СЛЕТУВАЊЕ ПОВРЕДИЛА НОГА Кривична пријава за инструктор за параглајдинг

28/09/2026

ОВР Струга поднесе кривична пријава против К.Т.(43) од Прилеп, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна

Novina.mk Novina.mk

©2022. All Rights Reserved.

Контакт
Privacy Policy